Во срцето на градот во еминентниот мјузик бар Intermezzo на едно место сплотени во еден дух, царуваше уметноста, музиката, архитектурата и модниот дизајн. Спонтана соработка, поврзани енергии и многу чувства го направија настанот спектакуларен, за кој сеуште се зборува. За прв пат во Скопје публиката имаше можност да биде дел од арт перформансот на уметницата Елена Поповска создавајќи го уметничкото дело WILD HEART инспирирано и збогатено со музичкиот сет на големите артисти ConstantinV и Dj Junior Pappa, архитектонското студио KONNTRA, модната дизајнерка Евгенија Зафировска, Лапласт-М и Аурис бои.

Непосредно пред перформансот беа изложени делата од уметницата Елена Поповска во Intermezzo.

Елена Поповска е родена во Скопје и е самоук сликар , а по професија дипломиран забен техничар. Својата креативна наклонетост и талент за сликање ја негува од детството. Последните осум години интензивно се занимава со сликарство. Динамичниот технички пристап и интензивниот колорит на сликите се насликани во акрилна техника кои меѓусебно се надополнуваат во една впечатлива моќна наративна целина која раскажува за предизвиците и вредностите на современата средина во која живееме. Во концептот застапено е прикажувањето на човечки ликови кои претставуваат рефлексија на сегменти од лични доживувања и искуства на авторот. Формата ја следи емоцијата.

Учествувала на саемот за современа уметност In Situ во 2018 год. во МКЦ, првата самостојна изложба ја реализира во 2019 год. Која беше изложена на повеќе локации во Скопје. Во октомври 2020 год. ја реализира втората самостојна изложба во Концепт 37 , а во јули 2021 год е дел од Мултимедијалната изложба ‘’Белегот на времето’’ во Мала станица Скопје.

‘’ Manhattan во Intermezzo’’ беа дел од коментарите на гостите кои претставуваат уште поголема мотивација . Скопје несомнено е гладно за културно уметнички настани.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2021 02:18