Изложбата „Suzanne“ на Ивана Мојсовска вечер ќе биде отворена во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

На изложбата ќе бидат изложени две слики и пет фотографии. Изложбата е инспирирана од веќе реализираниот танцов перформанс во колаборација со кореографката Адријана Данчевска, која е и субјект на овие дела.

Мојсовска појаснува дека Сузан е измислен карактер кој ни ги пренесува екстремните расположенија на една млада жена која се бори со сопствените емоции и пориви.

Ивана Мојсовска е млад, современ автор кој ги истражува емотивните состојби прикажувајќи ги преку своите експресивни и гестуални записи со кои таа постојано експериментира со нови сликарски медиуми. Делата на Мојсовска кои вклучуваат слики, танцови перформанси, инсталции и фотографија говорат за нејзиниот диверзитет додека експресивноста како правец е задржана во целиот опус.

Досега реализирала две самостојни изложби, а има учевствувано на повеќе групни изложби во земјата и во странство. Во последнава година остварува контакт со уметничка куќа во Mougins, Франција каде изложува свои дела.

Добитник е на наградата „Четирите мајстори на модернизмот“ која и е доделена од ФЛУ.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2021 10:32