Кардиохирургот на Универзитетската клиника за Државна Кардиохирургија при Клиничкиот Комлекс „Мајка Тереза”, др. Сашко Јовев е прогласен за „Маж на годината“ за 2021 година на четвртиот по ред официјален избор во организација Џентлмен Магазин. За Маж странец во Македонија наградата ја доби Дејвид Гир, амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

На гала вечерта која се одржа во Скопје, во присуство на голем број јавни лица од бизнис секторот, политиката, и јавниот живот, беа наградени 13-те најуспешни мажи во земјава во 13 категории, избрани од жири комисијата која ја сочинуваа членови од докажани институции, новинари, претставници од бизнис секторот, режисери, стилисти,

Во категоријата Менаџер на годината за 2021 наградата ја доби генералниот директор на Нептун, Горан Цетинов, наградата за Млад менаџер отиде во рацете на Игор Милановиќ, менаџер за продажба на Huawei во Македонија, а наградата за Менаџер на годината до 40 години ја понесе извршниот директор на дигиталната агенција Кара5, Војдан Карапетковски.

Маж со најголем придонес во културата е актерот, продуцентот и директор на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“,Симеон Мони Дамевски, а маж со најголем придонес во спортот е Муамед Сејдини, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија. Во категоријата за Маж со најдобар стил, наградата ја доби доктор Злате Мехмедовиќ, претседател на Македонското здружение на медицина на трудот, додека еден од најпознатите македонски музички новинари и водители, а воедно и еден од најпрепознатливите гласови, Драган Б. Костиќ, се закити со наградата Маж со трајни вредности.

Наградата за Маж во избор на социјални медиуми отиде кај Борче Стаменов, наградата за Хедонист на годината отиде во рацете на Ламбро Патче, менаџерот за односи со јавноста и комуникации на Пивара Скопје АД, додека специјалната награда Маж во избор на организаторите отиде кај Дејан Георгиевски.

-Оваа вечер ги славевме успешните, оние кои се кредибилен мотив за општеството, кои вложуваат во својот личен развој и развојот на заедницата. Среќни сме што наградите ги добија мажи кои навистина заслужуваат почести. Импресиите се одлични, очекувањата надминати. Изборот на Мажи на годината стана релевантен коректив за сите мажи, стана мотив да вложуваат во себе и општеството, мотив да бидат џентлемни кои ќе негуваат свој сопствен уникатен стил. Се гледаме наредна година повторно, изјавија организаторите од Џентлмен Магазин изразувајќи благодарност до спонзорите и медиумските покровители на манифестацијата, како и на МРТ која од оваа година ги зема правата за снимање и емитување на настанот.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/12/2021 16:39