Годишна изложба на дела на Родољуб Анастасов ќе биде отворена вечер во Галерија „Јустина и Родољуб Анастасов” во Музејот на град Скопје.

Станува збор за презентација на околу 40 дела од најзначајните циклуси на авторот Родољуб Анастасов, кои се дел од колекцијата на Галерија „Јустина и Родољуб Анастасов“, вредна донациска збирка која брои околу 400 дела кои потекнуваат од различни временски периоди (од 1957 до 2010) и претставува своевиден пресек на повеќе ликовни стилови и тенденции во современата македонска ликовна уметност.

– Овие дела се белег за автентичниот и единствен по многу особености креативен опус на Анастасов. На изложбата се изложени импресивните цртежи на Анастасов од циклусите „Почеток”, „Делување на елементите”, „Промена на обликот”, „Трансфигурирање”, сите изведени во техника – туш на хартија, создадени во периодот помеѓу 1957 – 1960 година, и кои припаѓаат на т.н. енформелска лабораторија, соопшти Музејот на град Скопје.

Оваа изложба е годишна, односно ќе биде поставена и ќе трае во временскиот период – од декември 2021 до декември 2022, во Галерија „Јустина и Родољуб Анастасов” во Музеј на град Скопје. Изложбата ќе се реализира согласно сите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/12/2021 11:25