Тетовски Театар денеска ќе ја изведе премиерата на претставата „Малограѓанска свадба“ од Бертолт Брехт. Режијата е на Теа Беговска од Драмски Театар Скопје, а претставата во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“- Тетово ќе почне во 19 часот.

Улогите ги толкуваат Арсим Калеци, Ирена Мирческа, Миа Кантарџиева Петровска, Ѓорѓи Нешкоски, Елмир Сејфулаи, Гордана Ендровска, Арѓенд Хасани и Беким Смаили.

– Среде свадбена вечера каде што публиката е сведок на времето, времето сега и овде, толпа малограѓани ја рушат идеалната слика за брак претворајќи ја во гротеска. Во нашиот простор и време секојдневно ја храниме малограѓанштината, ја одржуваме во живот, ја негуваме, и’ се смееме, вперуваме прст во неа и истовремено ја прифаќаме. Нашата приказна завршува таму каде што не постои простор и време, завршува таму каде што животот трче без престан, таму каде што се сакаме да чуеме, а не слушаме, таму каде што се сакаме да видиме, а не гледаме. Таму каде што се повеќе добива смисла паролата на Брехт – „Државата ни пропаѓа, а вие – државата ни пропаѓа“, велат од Тетовски Театар за суштината на најновата изведба.

Репризата е предвидена за утре исто така со почеток во 19 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/12/2021 11:46