Околу осумдесет изработки на слики изготвени од учениците, вклучени во проектот „Редовно на часови”, беа претставени на изложбата во холот на основното општинско училиште „Илинден” во Крива Паланка.

Според директорката на ООУ „Илинден” Марица Николовска, изложбата е само една од активностите реализирани проектот со кој се опфатени ученици Роми од училиштето. Учениците вклучени во овој проект воедно оствариле и право на стипендија.

-Најважната цел на проектот е вклученоста на овие наши драги ученици, кои освен што остварија право на стипендија, се работеше на нивно поттикнување да го засакаат училиштето, да се зајакне нивната самодоверба во однос на квалитетите, потенцијалите и умешноста со кои располагаат како индивидуи. Тоа се постигна со работа и од страна на ангажирани стручни лица со семејствата,со родителите на учениците, зацврстувајќи го триаголникот родител-ученик-наставник. Учениците посетуваа дополнителни активности што соодветствуваа со наставната програма за описменување, но и за континуирано следење на нивниот напредок во реализацијата на наставните содржини, информира наставникот Добри Јовевски, координатор на проектните активности во ООУ Илинден.

Според него, на изложбата јасно се гледа дека дечињата се горди и самоуверени што нивните дела се јавно презентирани и наидуваат на позитивни коментари.

Проектот „Редовно на часови” – Акција за вклучување на Ромите во основното образование” е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија, во партнерство со Фондацијата за образовни и културни иницијативи Чекор по чекор и Здружението Центар за образовна поддршка „Дендо вас”.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/12/2021 13:13