Најголемиот успех на македонскиот спорт во 2021 година го забележа Дејан Георгиевски од таеквондо клубот Бутел. Тој на Олимписките игри во Токио, во категоријата +80 кг. го освои 2. место и сребрениот медал.

Георгиевски стана најуспешниот спортист од независноста на нашата држава и единствен досега со пласман во финале на Олимпијада.

Од боречките спортови за одбележување е и резултатите на Димитар Ѓорѓиев кој по четврти пат стана светски шампион во кикбокс. Ѓорѓиев по 2011, 2013, и 2015 година, до златниот медал стигна и на Мундијалот во Италија, во Лидо Ди Јесоло, категорија – 81 кг.

Одличен индивидуален пласман оствари и каратистот Емил Павлов со 2.место и сребрениот медал на на Светското првенство во Дубаи, категорија -67 кг.

Годината 2021 највисоко место на победничкиот подиум обезбеди бодибилдерката Мери Акиевска. Таа победи во апсолутна категорија на Светското првенство во шпанска Санта Сузана. Освои злато во јуниорска и сениорска категорија и две апсолутни во двете категории.

Кај колективните спортови за одбележување е историскиот пласман на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство. „Црвено-жолтите“ предводени од селекторот Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев преку Лигата на нации изборија учество на ЕУРО 2020 кое поради пандемијата се играше во 2021 година. Македонските фудбалери кои по завршување на еврошампионатот добија нов селектор – Благоја Милевски, обезбедија учество во баражот за Светското првенство 2022 кое ќе се игра во Катар.

Машкиот одбојкарскиот национален тим го освои второто место во Сребрената лига на завршниот турнир во Струмица, додека беше дел и од Европско првенство во Финска.

Како успешна може да се оцени и годината за македонската ракометна репрезентација која учествуваше на Мундијалот во Египет, а исто така избори и учество за Европското првенство кое ќе се игра во втората половина на јануари 2022 година.

Златен медал на ЕХФ шампионатот кадетска конкуренција во Литванија освои македонската женска ракометна репрезентација.

Во јуниорска конкуренција со медали од од големите меѓународни натпреварувања се закитија:

Каратистите Стефан Стојановиќ (златен медал), Столе Смилковски и Андрес Басаров (сребрен медал) и Матеј Белистојаноски на Европското првенство за кадети, јуниори и младинци, во фински Тампере.

Кикбоксерите Миа Тодорова (сребрен медал), Олгица Орешкова, Силвио Мировски и Горјан Ристовски (бронзен медал) на Европското првенство за јуниори во Будва.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/01/2022 13:08