Спортската 2021, како и годината претходно, се соочи со предизвиците што на организациски план ги наметна пандемијата на Ковид-19, но под строги здравствено – безбедносни протоколи големите натпреварувања се вратија на сцената и со едногодишно задоцнување се одржаа одложените Летни олимписки игри и Европското фудбалско првенство.

Повеќе од 11.000 спортисти од 206 држави од 23 јули до 8 август во јапонската престолнина Токио настапија на 32. Летни олимписки игри, први во историјата што се одржаа без присуство на публика поради пандемијата на коронавирус. Празните трибини на олимписките арени беше цехот што мораше да се плати во интерес на здравјето на сите, но „олимпиското семејство испрати моќна порака на солидарност, мир и издржливост“, како што тоа во поздравниот говор го истакна претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах.

На Игрите настапија и седум македонски олимпијци, предводени од таеквондистот Дејан Георгиевски, кој освои сребрен медал во категоријата над 80 килограми.

Најуспешни беа американските спортисти со 113 одличја, пред Кина со 88. медали. Игрите ги одбележаа американската атлетичарка Алисон Филикс, која го освои 11. олимписки медал во кариерата, како и нејзиниот сонародник, пливачот Кејлеб Дрекслер, кој се закити со пет златни одличја. Во центарот на вниманието беше и американската гимнастичарка Симон Бејлс, која освои два медала во Токио, пропуштајќи, притоа, голем дел од натпреварувањето поради загриженост за своето ментално здравје. Најтрофејна олимпијка беше австралиската пливачка Ема Мекион со четири златни и три бронзени медали. Токио од 24. август до 5. септември беше домаќин и на Параолимписките игри.

Годината традиционално ја отворија ракометарите со 27. Светско првенство, чиј домаќин од 13 до 31 јануари пред празни трибини беше Египет.

Данска, која на турнирот допатува како актуелен олимписки првак, во скандинавското финале ја совлада Шведска (26:24), додека бронзата им припадна на Шпанците, кои во малото финале беа поуспешни од Франција (35:29). Со ефект од една победа и пет порази, на завршниот турнир во Каиро настапија и македонските ракометари, кои беа поканети да ја заменат селекцијата на Чешка, која во „минута до 12“ го откажа настапот поради голем број заразени репрезентативци со коронавирус.

Тениската 2021 ја одбележа Србинот Новак Ѓоковиќ, кој го собори рекордот на Пит Сампрас, завршувајќи седма година по ред првопласиран на АТП рангирањето, а го урна и рекордот на Роџер Федерер според бројот на минати недели (353) на врвот на светската ранг-листа. Ѓоковиќ во годината што измина триумфираше на Австралија Опен, Ролан Гарос и Вимблдон, а негов календарски грен-слем спречи Русинот Дмитриј Медведев, кој беше поуспешен во финалето на Ју Ес Опен и му се реваншираше на Србинот за поразот во финалето во Мелбурн.

Ѓоковиќ се најде во центарот на вниманието и надвор од тениските терени поради неговиот став околу вакцинирањето против Ковид-19, одбивајќи да обелодени дали е вакциниран, продолжувајќи ја со тоа неизвесноста околу својот настап на јануарскиот Австралија Опен. Доколку Ѓоковиќ се појави и триумфира во Мелбурн ќе испише историја со рекордна 21. грен-слем титула.

Во женска конкуренција Јапонката Наоми Осака го освои грен – слем турнирот во Мелбурн, додека најдобрата светска тенисерка Ешли Барти триумфираше на Вимблдон. Изненадување донесе Ролан – Гарос со триумфот на чешката тенисерка Барбора Крејчикова, додека 18-годишната Британка Ема Радукану приреди сензација со триумфот на Ју Ес Опен, совладувајќи ја во финалето својата врсничка Лејла Фернандез од Канада. Радукану го почна турнирот во Њујорк како 150. рангирана на ВТА листата, а стана првата тенисерка во историјата, која преку квалификации дојде до грен-слем титула и најмлада по Русинката Марија Шарапова, која триумфираше во Вимблдон во 2004 со 17 години.

Европските фудбалски клупски натпреварувања кулминираа во мај со финалните натпревари во Лигата на шампиони и Лига Европа, одиграни во Порто и во Гњањск. Во „англиското“ финале во Лигата на шампиони, Челзи го совлада Манчестер сити (1:0) и ја освои својата втора титула, додека фудбалерите на Виљареал го подигнаа својот дебитантски трофеј со триумфот над Манчестер јунајтед по подобро изведување пенали (11:10), откако финалето заврши 1:1. За тренерот на шпанскиот тим Унај Емери тоа беше четврти трофеј во Лигата Европа, откако претходно три пати триумфираше со Севиља. Трофејот во женската Лига на шампиони го освои Барселона, откако во финалето во Гетеборг рутински го совлада Челзи со 4:0, постигнувајќи ги сите голови во првото полувреме.

Средината на летото го донесе Европското првенство во фудбал, кое се одржа како уникатен турнир организиран во 12 држави и исто толку градови, под строги протоколи поради пандемијата на коронавирус. Титулата ја освои Италија совладувајќи ја Англија на „Вембли“ на пенали со 3:2. За прв пат во историјата на европските првенства настапи и македонската репрезентација, а ЕУРО2020 го одбележа и случајот со данскиот репрезентативец Кристијан Ериксен, кој беше реанимиран на теренот, откако неговото срце за момент запре во финишот на првото полувреме на дуелот од воведното коло против Финска на 12 јуни во Копенхаген.

На крајот од летото одекна еден од најголемите трансфери во светот на фудбалот, кога Аргентинецот Лионел Меси по 21 година минати во редовите на Барселона го напушти каталонскиот клуб, потпишувајќи двегодишен договор со ПСЖ за 70 милиони евра.

Во НБА лигата, кошаркарите на Милвоки го направија невозможното и откако ги загубија првите два натпревари во финалната серија против Феникс, победија на следните четири дуели и по втор пат во клупската историја го освоија шампионскиот прстен. За Милвоки ова беше прва титула од 1970 година, кога тимот го предводеа НБА легендите Карим Абдул-Џабар и Оскар Робертсон. За најкорисен играч во минатата сезона беше прогласен српскиот центар во редовите на Денвер, Никола Јокиќ, кој стана само третиот европски кошаркар кому тоа му успеало по Германецот Дирк Новицки и натурализираниот Грк, Јанис Антетокумпо.

Ракометните возбудувања се вратија на сцената во јуни кога Барселона по пауза од пет сезони одново се искачи на европскиот трон поразувајќи го дански Алборг со убедливи 36:23 во финалето во Келн. Во женското издание на Лигата на шампиони, норвешкиот состав Кристијансанд беше поуспешен во финалето од француски Брест со 34:28 за прва европска титула во клупската историја.

Финска, Полска, Естонија и Чешка есента беа домаќини на 32. Европското одбојкарско првенство, на кое втор пат во низа настапи и македонската репрезентација. Во финалето во Катовице, репрезентацијата на Италија ја совлада Словенија и го освои својот седми европски трофеј, прв по пауза од 16 години. За „Азурите“, 2021 беше одбојкарска година од соништата, откако Италијанките ја шокираа Србија среде Белград и ја освоија европската титула пред рекорден број од 20.565 гледачи на еден одбојкарски натпревар во женска конкуренција.

Последниот месец во годината донесе драматична завршница во една од најконтроверзните сезони во Формула 1 во која титулата се одлучуваше на последната трка за Големата награда на Абу Даби. Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен за прв пат во кариерата стана шампион, откако во последниот круг го мина директниот конкурент за титулата Луис Хамилтон.

Британецот остана на седум титули, колку што има и Михаел Шумахер, а утеха за Хамилтон се неговите сега рекордни 103. победи и 103. пол позиции во кариерата. Титулата во конкуренција на конструктори, осма сезона по ред, ја освои Мерцедес.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/01/2022 14:17