Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, се сретна денеска во Белград со српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик и побара од него сите политички сили во Република Српска да учествуваат во заедничките институции во БиХ и така да ги штитат интересите на српскиот народ и РС, јави дописникот на МИА од Белград.

„Имајќи ја предвид тежината на позицијата на целиот српски народ, а особено несоодветните и неправедни притисоци врз Република Српска и нејзиното раководство”, Вучиќ истакна дека „секоја одлука е на раководството на РС, но дека моли и од претседателот Додик и сите политички претставници во РС да го разгледаат неговиот предлог, бидејќи е јасно дека некои политички фактори кои суштински ја загрозуваат стабилноста на целиот регион, со невистини и инсинуации, се обидуваат да ја префрлат вината на српскиот народ и РС”, се наведува во соопштенето од кабинетот на Вучиќ.

-Мојата молба до претседателот Додик и до сите политички фактори во РС не е барање да се согласат со што било или за што било да гласаат, напротив, мојата молба е масата на која треба да седнат претставниците на РС да не биде празна и на најдобар можен начин да се борат за интересите на ентитетите и на српскиот народ, нагласи Вучиќ. Тој му понуди на Додик да го објасни својот предлог и на сите институции и политички претставници во Бања Лука.

Тој оцени дека американските санкции против Милорад Додик и други функционери на Република Српска се ужасен преседан и дека можат да донесат само катастрофални последици за развојот на односите меѓу трите народи и двата ентитета во БиХ и пошироко, во целиот регион.

-Санкциите секогаш носеле само проблем, а никогаш решение, оцени Вучиќ.

Додик истакна дека во БиХ се води невидена политичка и медиумска кампања против Република Српска и српскиот народ, не само во Сараево, туку и во бројни западни центри на моќ. Како пример за тоа тој го посочи одбележувањето на Денот на Република Српска.

Додик истакна дека е речиси невозможно српскиот народ да се избори за правда и доследно спроведување на Дејтонскиот договор поради едностраниот и пристрасен пристап, пред се на Соединетите Американски Држави.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/01/2022 15:23