Труд, ентузијазам и посветеност на младите го одбележа проектот „Здружено за поздрава животна средина“ во кој средношколци и претставници на граѓански организации изминативе две години заеднички работеа на иницијативи за решавање на локални еколошки проблеми.

На денешната завршна конференција на проектот се зборуваше за заштитата на животната средина, граѓанскиот активизам и за улогата на медиумите како важна алка во заштитата на јавниот интерес и човековите права.

Штефен Худолин, шеф за соработка на Делегацијата на Европската Унија, на настанот истакна дека во последните години за време на спроведувањето на овој проект е забележан многу труд.

– Низ спроведувањето на овој проект имаше многу ентузијазам и посветеност од младите и сме среќни што ова ќе се одрази врз формирањето на една средина во која гласот на младите ќе биде слушнат а особено од аспект на животна средина бидејќи тоа нè засега сите во државата и во Европа, рече Худолин.

Според него, заштитата на животната средина зависи од сè, како јадеме, како возиме, како живееме, не се работи само за собирање на ѓубре. Така што, вели, „не смееме да продолжиме вака и тука ни треба помош од сите и затоа ставаме толкав фокус на младите генерации“.

Худолин вети дека Европската Унија ќе помогне гласот на младите да биде чуен.

– Имаме уште многу пат да одиме. Сè уште не знаеме како ќе ја спасиме планетата, тоа е процес и кога сакаш да пристигнеш некаде, понекогаш не ја гледаш дестинацијата, но, знаеш, чекор по чекор, како да пристигнеш таму, вели тој.

Директорката на Институтот за комуникациски студии, Жанета Трајкоска истакна дека кога сите заедно работат, промените се можни.

– Ние, возрасните, на вас младите ви оставаме, најголем дел, само проблеми. Еден од нив се и климатските промени, и, особено во Македонија, нечистотијата, ѓубрето и лошото менаџирање на природните богатства. Кога сите заедно работиме, кога има една поврзаност меѓу невладиниот сектор, учениците, локалната самоуправа, медиумите, можни се промени, посебно во делот на животната средина, не смееме да ги оставиме одлуките само на политичарите и на носителите на власт, посочи Трајковска.

Она што е многу важно, според неа, е транспарентноста, отчетноста и одговорноста.

– Кај нас многу ретко има одговорност, ќе се истури некаква хемикалија во река, никој не одговара. Некои фабрики или некои мали загадувачи го загадуваат воздухот, никој не одговара. Се даваат дозволи за градење и живееме во ненормални услови, никој не одговара, вели таа, дополнувајќи дека токму затоа, во последните 5-6 години, тие се вклучиле толку агресивно и интензивно во делот на животната средина, наведе Трајкоска.

Робертина Брајаноска, директорка на Македонското еколошко друштво (МЕД) сподели дека резултатите кои се постигнале се плод на заедничка работа.

– Со заедничка акција и идеи, слушајќи се себе си и преземајќи заеднички чекори покажавме дека може да се постигне некаков резултат, рече таа, додавајќи дека младите се тие на кои што понатаму ќе остават простор да делуваат.

Брајаноска смета дека ова е проект кој што покажал дека тоа е вистинскиот пат за делување и отвора врата за дополнителна соработка.

Конференцијата е дел од проектот „Локална акција за подобри политики за заштита на животната средина“ што го реализира Институтот за комуникациски студии во партнерство со Македонското еколошко друштво, а со финансиска поддршка на Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР).

Во рамките на конференцијата денеска ќе се одржат четири паралелни дебати на тема „Улогата на локалните заедници во заштитата на животната средина“, „Партнерството со медиумите како важна алка во заштитата на јавниот интерес“, „Напуштање на апатијата кај младите за граѓански активизам“, како и „ Европски зелен договор – „Бизнис план за планетата“. На крајот од настанот е предвидена дебата на тема „Дебата: Што понатаму? Здружено за поздрава животна средина!“ на која ќе се дискутира за предизвиците во заштитата на правото на здрава животна средина, какви се начините на кои можат да се здружат младите и останатите општествени чинители за да се заштити природата, како и главните заклучоци од паралелните сесии и отворена дискусија за следните чекори.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2022 16:28