Освојувачот на годинешниот Австралија Опен, Рафаел Надал, изјави денеска оти би било добро најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, независно дали е вакциниран против коронавирусот или не, да се врати на големите турнири.
– Без разлика дали е вакциниран или не, би било добро Ѓоковиќ повторно да игра на грен – слем турнирите. Ако може да игра без вакцинација, тој е добредојден, им изјави Надал на новинарите во Акапулко, каде шпанскиот тенисер неделава ќе настапи на АТП турнир.
Својот прв дуел во 2022 година, пак, денеска ќе го има Ѓоковиќ, кој против Италијанецот Лоренцо Музети ќе игра на стартот на турнирот во Дубаи.
Српскиот тенисер претходно изјави оти нема да се вакцинира дури и ако тоа значи дека мора да го откаже учеството на преостанатите три грен – слем турнири оваа година, откако минатиот месец добри забрана за настап на Австралија Опен.