Американската Национална вселенско-воздушна агенција НАСА ја претстави својата огромна ракета „СЛС“ што наскоро, најверојатно, ќе биде подготвена за мисија на Месечината.

Ракетата е висока 100 метри и, како што се наведува, ќе биде помоќна од леталото „Аполо Сатурн“ од крајот на 1960-тите и почетокот на 70-тите. Ќе има доволно потисна сила, но и простор за луѓе, како и повеќе опрема и товар потребни за подолг временски период. Ракетата ќе биде поставена на космодромот во вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида, каде што ќе се изврши и пробно одбројување. Доколку сѐ оди според планот, ракетата официјално ќе биде подготвена за мисијата со капсула без екипаж на пат околу Месечината.

НАСА се надева дека ќе користи „СЛС“ ракети и за испраќање астронаути на Месечината во втората половина на оваа деценија.

Ракетата ќе го изврши тестот најверојатно на 5 април. Првата можност за летот без екипаж, е крајот на мај, но пореални рокови се јуни или јули.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/03/2022 18:14