Викеднов во Португалија ќе стартува новата сезона од Европското првенство за автомобили со ТЦР хомологација, во кое петта сезона по ред ќе се натпреварува и македонскиот возач Виктор Давидовски.
Пред неколку седмици беше официјализирано дека Давидовски и неговиот минатогодишен тимски колега од „ПСС Рејсинг тим“ ќе се префрлат во таборот на „Comtoyou Racing“, кој што ги спроведува тркачките активности на Ауди во ова првенство.
Давидовски, кој е минатогодишен освојувач на трофејот „Дајмонд“, веќе го направи првото тестирање со Ауди „RS 3 LMS“ на патеката „Алгарве“, која што минатата сезона беше домаќин и на трките од Формула 1.
– Имавме шанса за еден приватен тест во четвртокот, пред да започнат официјалните тренинзи во петок, со што за прв пат го почувствуваме автомобилот на оваа патека. Иако и на зимските тестирања увидовме дека новиот модел на Ауди е подобар и побрз од претходниот, сепак тука временските услови беа сосема поинакви. Оптимист сум дека конфигурацијата на патеката ни одговара за перформансите на автомобилот, но кога времето е жешко, клучно е да има добар контакт со подлогата – особено за предните пневматици. Тоа може да биде параметар кој ќе ги издвои оние што ќе јуришаат на победа. Мислам дека сите ривали калкулираат во моментов, па вистинските перформанси ќе ги знаеме дури на квалификациите. Мојата цел оваа сезона е на секоја трка да атакувам за пласман во втората сесија на квалификациите, бидејќи на таков начин секогаш ќе бидам во ситуација за освојување бодови, а на некои патеки и пласман на пиедесталот, истакна Давидовски.
Трките од ТЦР Европа ќе бидат пренесувани на „Телевизија 24“, утре од 17 часот и 45 минути, а в недела во 15 часот и 10 минути.