Во спортската сала „Бранители 2001″ во Крива Паланка синоќа се одиграа завршните натпревари од првиот национален турнир во мал фудбал што траеше една недела, а учествуваа екипи од Скопје, Кратово, Ранковце и Крива Паланка.
Натпреварите за трето место и финалето беа отворени со спектакуларен перформанс, во преполната сала во градот.
На настанот присуствуваа градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски и претседателката на ТАКТ, Магдалена Спасовска кои во име на поддршката на турнирот ги врачија медалите и наградите за најдобрите три екипи.
-Се врати стариот сјај на трибините за поддршка на фудбалската игра, за сплотеност и насоченост кон една мисла- спортска победа и фер надигрување.Со полните трибини ми се исполни и срцето бидејќи паланчани покажаа дека Крива Паланка е спортски град, дека спортот треба да се поддржи и да се инвестира во негов развој како поле што може позитивно да влијае на локалниот развој. Токму тоа и беше моја водилка за првпат како општина да организираме ваков турнир во мал фудбал, кој наиде на одличен одзив, но и на национална поддршка и од АМС и од ТАКТ, така што заедно, покажавме дека спортскиот терен е универзално поле каде се гледа заедништвото и се промовираат еднаквоста, соживотот, толеранцијата, тимската работа,заедничката цел-успехот, изјави Митовски.
Упати благодарност до директорот на АМС, Мојсовски, за поддршката и тоа што Агенцијата ќе продолжи да инвестира во нови спортски содржини во градот.
-Со градоначалникот ја имавме ваквата идеја за да отпочнеме од некаде, а полната сала говори дека по КОВИД пандемијата што ни направи многу проблеми, сме посилни. Подршката од АМС за вашиот град ќе ја имате и во иднина, а се надевам следната година ќе биде уште помасовен турнирот и ќе ни треба уште една трибина во салата, рече Мојсовски.
Првопласирана екипа на турнирот е „Гостилница кај Џек”, второ место „Воденица 3-Селект кафе” и трето место – „Бамбуча”, Скопје.
Награди и признанија беа доделени и за најдобар играч и голман на турнирот.
Трите најдобри екипи добија и парична награда од општината, како покровител на турнирот, Се очекува турнирот да прерасне во традиционален. Турнирот беше поддржан и од Play2Include проектот поддржан од AFD, GIZ и FIFА.