Пилотот на Ред Бул и актуелен светски шампион во Формула 1, Макс Верстапен беше незадоволен од првиот ден на трката за ГН на Мајами.

На првиот слободен тренинг вчеравечер Холанѓанецот покажа трето време, но во втората сесија немаше пласман поради технички проблеми.

– Лош ден за нас. Секако, непријатно е кога ќе се појават проблеми во петок, кога сакате да ја проучувате патеката, да ја зголемите брзината. Моите последни 4-5 круга денес не се она што би сакал да го видам. Имаме проблеми со хидрауликата. Кога излегов од боксот на патеката, едноставно не можев да свртам, како да беше блокирана контролата. Плус, сопирачките беа запалени. Наидовме на многу проблеми. Практично немаме информации за однесувањето на болидот на патеката, тоа е лошо. Ривалите возеа многу повеќе кругови од нас. Не е важно што денес имаше црвени знамиња, мораме да се грижиме за себе, би можеле да направиме многу повеќе, го цитира „Скај Спортс“ Верстапен.

Големата награда на Мајами ќе се вози од 6 до 8 мај. Вечер од 22 часот ќе се возат квалификациите, а главната трка е утревечер со почеток во 21:30 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/05/2022 12:09