Најдобриот германски тенисер и треторангиран на АТП листата Александер Зверев ќе ја брани титулата на турнирот од серијата Мастерс 1000 во Мадрид, а до финалната пресметка против Шпанецот Карлос Алкараз дојде со победа во синоќешното полуфинале над Гркот Стефанос Циципас со 6-4, 3-6, 6-2 по еден час и 52 минути игра.
Зверев ја забележа четвртата победа во 11. дуел против Циципас, реванширајќи му се на грчкиот тенисер за неодамнешниот полуфинален пораз во Монте Карло.
Германецот во финалето во Мадрид го чека исклучително тешка задача и дуел против новата шпанска тениска сензација, 19-годишниот Алкараз, кој ден по првата победа во пресметките со сонародникот Рафаел Надал, во епски натпревар со 6-7, 7-5, 7-6 го совлада најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ по три часа и 35 минути.
На Зверев не му оди од рака ниту фактот дека својот полуфинален натпревар го заврши во 01:10 часот по полноќ, 17 и пол часа пред денешното финале. Тоа ќе биде трет меѓусебен дуел на Зверев и Алкараз, а Германецот има две победи и двете на тврда подлога.