Десетина клубови од повеќе македонски градови настапија во Велес на државното првенство во Бразилско Џиу џицу, на кое во конкуренција на 90 натпреварувачи најуспешни беа претставниците на Центарот за боречки вештини „Д Стронгест“.
Првото место со освоени 147 бодови ги освоија претставниците на „Д Стронгест“ од Скопје. а натпреварувачите на истиот клуб од Охрид беа второпласирани, од Куманово го освоија третото место, додека нивната доминација ја заокружија борачите од Кавадарци со освоеното четврто место, пред домаќинот „Будо“ од Велес на петтото место.
Првиот човек на „Д Стронгест‘ и претседател на македонската Федерација во Бразилско Џиу џицу, Ивица Алексовски, изрази задоволство од одличната организација на вчера одржаното државно првенство, истакнувајќи дека натпреварувањето на едно место ги собрало најдобрите од земјава во овие боречки вештини.
– Преку државното првенство ги одбираме најдобрите, кои потоа ја сочинуваат македонската репрезентација во Бразилско Џиу џицу кое во последниве години постигнува сè поголеми резултати на меѓународните натпревари, изјави Алексовски за МИА.
Задоволство од успешната организација на државното првенство, кое се одржа во салата на Основно училиште „Блаже Конески“ изрази и претседателот на велешкиот клуб „Будо“, Раде Стефановски, истакнувајќи дека овој спорт е во подем и привлекува се поголем интерес меѓу младите во Велес.
Од Македонската федерација во Бразилско Џиу џицу најавија дека на 22. мај во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи Интернационалниот турнир „ADSS Македонија 2022“.