Женската одбојкарска репрезентација до 19 години предводена од новиот селектор, српскиот стратег Стефан Пауновиќ, од 27 август до 5 септември, ќе учествува на Европското првенство чиј домаќин ќе биде Македонија.
Како што информираат од Одбојкарската федерација на Македонија, во групата „А“, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, македонскиот тим ќе се натпреварува со Полска, Италија, Словенија, со Грција и со најдобриот од квалификациската група „Ка“ во која Црна Гора ќе ги пречека Франција, Финска и Австрија.
Во групата „Бе“, во арената „Јане Сандански“, за првите две места, а со тоа за пласман во полуфиналето ќе се надигруваат Турција, Србија, Хрватска, Романија, Швајцарија и најдобриот од квалификациската група „Ј“ која ќе биде филтер за Холандија, Словачка, Шпанија и Естонија.
Дополнуваат дека комбинираниот сениорски тим, во кој веројатно ќе бидат и некои репрезентативки од јуниорскиот состав, ќе настапи на Медитеранските игри во Алжир на крајот на јуни и на почетокот на јули.