Градот Скопје заедно со јавните градски претпријатија и во координација со Општина Сарај успешно ја реализираа големата пролетна работна акција на подрачјето на оваа општина. Екипите координирано на терен извршија рачно и машинско метење и миење на улиците, санирање на оштетувањата на коловозите, обновување и поставување на сообраќајната сигнализација, косење и уредување на зеленилото, санации на пријавени дефекти и проблеми од граѓаните, заловување на бездомни кучиња и можности за нивно вдомување по нивен хуман третман.

Во рамките на акцијата во општина Сарај екипите на ЈП Паркови и зеленило ги искосија тревните површни и вегетацијата од двете страни на патот што води кон село Шишево, долна Матка, како и главниот пат кон Матка. Во текот на работните денови се искоси зеленилото и јавната зелена површина и кај гробиштата.

Екипите од Секторот дрвореди согласно со издадените Решенија од Град Скопје искастрија вкупно 15 дрвја на улица „20“ број 4 во општина Сарај.

Екипите на ЈП Улици и патишта коишто се одговорни за одржување на градските сообраќајници ги санираа ударните дупки и поголемите оштетувања на улица Сарај, со вкупна површина од 18 квадратни метри. Теренските екипи што ја одржуваат сообраќајната сигнализација на коловозите ја обновија хоризонталната сигнализација со ноќното бележење на такси станиците на оваа улица. Обележани се четири такси станици со вкупно 16 такси места.

Во рамките на пролетната акција, екипите на ЈП Комунална хигиена извршија рачно и машинско метење и миење на улиците и автобуските постојки во општина Сарај.

Јавното претпријатие Водовод и канализација во општината Сарај за време на акцијата рачно чистеа шахти и сливници на улиците. Во оваа општина Секторот канализација не вршеше работни активности бидејќи претпријатието не ја одржува постојната инфраструктура (фекална и атмосферска канализација).

Заловувачките тимови на ЈП Лајка постапуваа на клучни локации во општина Сарај, односно кај спортската сала и околу училиштето, кое е во близина, како и на паркингот на Кањон Матка.

Јавното претпријатие Дрисла во рамките на пролетната акција го примаше, складираше и депонираше комуналниот отпад, градежниот шут и другите видови отпад што се собираа на територијата на општина Сарај.

Големата работна пролетна акција во организација на Град Скопје и во координација со јавните градски претпријатија, што изминатиов период се реализираше на територијата на сите скопски општини, вчера заврши со активности во општина Сарај.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2022 03:44