Американскиот 23-годишен боксер Девин Ханеј ги обедини титулите светски првак во лесна категорија, совладувајќи го Австралиецот Џорџ Камбосос со едногласна одлука на судиите пред 41.129 гледачи во Мелбурн.
Актуелниот првак во верзијата WBC со својата 28 победа во исто толку борби ги презеде од 28-годишниот австралиски боксер титулите во верзиите WBA, IBF и WBO и со тоа стана прв апсолутен крал во лесна категорија по успехот на Пемел Вајтекер во 1990 година.
И покрај гласната поддршка од публиката за неговиот противник, Ханеј ја контролираше борбата од почеток до крај што резултираше со едногласна одлука на судиите во негова корист.
– Ова е остварување на сонот. Се држев до планот. Планот беше да удирам и да не бидам удрен, што го правев во поголемиот дел од дуелот, изјави Ханеј, откако му го нанесе на Камбосос првиот пораз во неговата 21. борба.