Резултатите од студија на научниците од Нов Зеланд, објавени денеска, покажаа дека микропластика е пронајдена по првпат во свежиот снег што неодамна падна на Антарктикот, што може да го забрза топењето на снегот и мразот и да претставува закана за уникатните екосистеми на тој континент.

Ситна пластика, помала од зрно ориз, претходно била пронајдена во морскиот мраз и површинските води на Антарктикот, но научниците истакнуваат дека таа првпат е откриена при свежи снежни врнежи.

Резултатите од студијата, спроведена од Алекс Ејвс, докторант на Универзитетот во Кентербери, под надзор на д-р Лаура Ревел, беа објавени во научното списание The Cryosphere.

Таа собра примероци од снег од 19 локации на ледениот гребен Рос и изјави дека била шокирана кога пронашла микропластика во апсолутно секој примерок.

– Тоа е неверојатно тажно… но откривањето на микропластика во свежиот снег на Антарктикот го истакнува степенот на загадување со пластика, дури и во најоддалечените региони на светот, рече таа.

Резултатите од нејзиното истражување покажале дека на литар стопен снег во просек биле пронајдени 29 микропластични честички.

Густината на микропластиката беше речиси три пати поголема во близина на научните бази на островот Рос – базата Скот и станицата МекМурдо.

Од пронајдените 13 различни видови пластика, најзастапена била ПЕТ, кој често се користи за правење шишиња за пакување безалкохолни пијалоци и за правење облека.

– Микропластиката можеби патувала илјадници километри по воздушен пат, но подеднакво е веројатно дека присуството на луѓе на Антарктикот предизвикало микропластичен „отпечаток“, велат истражувачите.

Истражувањето го потврди она што го очекуваа научниците, рече Олга Панто, виш научник во Институтот за еколошки науки и научни истражувања.

– Навистина е невозможно за кој било организам да го избегне влијанието на човековите активности во денешно време, исто како што човековата активност влијае на климатските промени, што пак влијае на промените на животната средина, рече таа.

– Не треба да нагласувам дека треба да се преземат значителни чекори што е можно поскоро за да се намали употребата на пластика и да се обезбедат конструктивни начини за управување со пластиката, потенцира Панто.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/06/2022 15:14