Во организација на Федерацијата за училишни спортови на Македонија (ФУСМ), со поддршка на Агенцијата за млади и спорт (АМС), во Охрид од 12 – 16 јуни ќе се одржат првите Отворени балкански училишни спортски игри Охрид 2022.
– Целта е зближување на младите спортисти од Балканот, создавање нови познанства, премостување на разликите и обид преку спортот да ја реализираме идејата на Отворен Балкан. Спортот зближува, спортот не познава вери раси и бои. Спортот е најдобар начин за почитување на противникот. На Игрите ќе учествуваат околу 450 ученици од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Бугарија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Да бидеме добри домаќини, да ги сплотиме младите спортисти од Балканот, рече Наумче Мојсовски, директорот на АМС на денешната прес-конференција.
Претседателот на ФУСМ, Александар Туфекчиевски се надева дека овој голем масовен настан ќе помине без проблеми и дека ќе стане традиционален.
-Пред 5- години во Тирана потпишавме меморандум за соработка на земјите од Западен Балкан и еве сега сме домаќини на една ваква балканска манифестација во многу спортови. Тоа дава обележје на олимписка атмосфера. Ние со поддршката од Агенцијата за млади и спорт и Владата, успеваме да ги прошируваме нашите активности. Се надевам дека ќе одговориме на предизвикот да организираме манифестација од ваков обем, а во иднина да биде прифатен и од другите земји.
На Игрите ќе бидат застапени следниве спортови: ракомет, кошарка 3х3, футсал одбојка на песок, пинг-понг, атлетика и шах.