Македонските атлетичари Дарио Ивановски, Јован Стојовски, Андрес Трајковски и Адријана Поп Арсова, изминатиот викенд забележаа одлични резултати.
На Европското првенство за мали земји што се одржа во Малта, Ивановски и Стојовски изборија подиум.
Ивановски настапи на трката на 5 000 метри и патеката ја мина за време 14:08.99 минути, што му донесе убедливо прво место пред Максим Илеану од Молдавија (14:24.72) и Дилон Касар од Малта (14:45.13).
Стојоски во трката на 100 метри, го освои второто место со време 10.69 секунди, заостануваше 0.010 зад победникот Колбејн Ходур Гунарсон од Исланд, додека трка на 400 метри ја заврши трет, со време 47.47 секунди, зад победникот Франко Бурај од Албанија (46.48 секунди) и Тео Андант од Монако (46.91 секунди).
Во Копенхаген, Трајковски постави нов македонски рекорд на 100 метри со време од 10 секунди и 50 стотинки, со кое го освои третото место на атлетскиот митинг во данската престолнина. Досегашниот рекорд го држеше Јован Стојовски со време 10.59 секунди.
Поп Арсова освои балканска бронза во Карловац, Хрватска. На балканските трки, за првпат оваа сезона се одржуваат трки на десет километри на пат, а на својот дебитантски настап на ваков натпревар, Македонката дојде до успех. Поп Арсова, членка на АК Делта, се пласираше на третото место и се закити со бронзата на овој собир.