Од 29 август до 1 септември Скопје „стихуваше“ во длабоки, шарени, топли, домашни и интернационални стихови, ноти и бои во рамките на второто издание на Скопскиот поетски фестивал. На поетските читања учествуваа поети од земјава и странство, а поетските вечери беа надополнети со музички перформанси, ликовна изложба, работилница за креативно пишување поезија за млади и неколку поетски филмови.

Фестивалот го заокружи своето второ издание со синоќешниот настан „Стиховно мапирање на Скопје“ на кој во кафе-книжарница „Буква“ се одржа видеопроекција на 12 поетски филмови изработени од Сандра Ѓоргиева, Марија Шаклева, Диме Данов и Валентина Бакти (Србија), врз основа на песни за Скопје од поетите Блаже Конески, Анте Поповски, Радован Павловски, Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Исток Улчар, Биљана Стојановска, Ана Голејшка Џикова, Јулијана Величковска, Ивана Јовановска, Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асади.

Во рамките на вчерашното издание од фестивалот во „Буква“ се одржа и работилница за креативно пишување поезија за млади насловена „Урбана поезија“ на која говореа Сергеј Тимофеев од Латвија, Радмила Петровиќ од Србија и Владимир Мартиновски.

Посетителите и вчера имаа можност да ја видат изложбата на колажи за Скопје од Валентина Бакти (Србија) – „Сум страдал, ама убаво ми било“, што беше отворена на 29 август во „Буква“.

На претпоследниот ден од фестивалот, во среда, во Младински културен центар се одржа интернационалната поетска вечер на која читаа Влада Урошевиќ, Радмила Петровиќ од Србија, Владимир Мартиновски, и Сергеј Тимофеев од Латвија. Вечерта заврши со поетско-музички перформанс на Пијан Славеј.

Претходно, во вторник, се одржа тематско поетско читање „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“ на кое во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол настапија поетите Андреј Ал-Асади, Јовица Ивановски, Делвина Крлуку, Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија и победникот на „Отскочна даска“ од преднастанот за млади поети од 16 до 25-годишна возраст што се одржа на првиот ден од фестивалот, Марија Велинова.

Јулијана Величковска, организаторка на настанот, во изјава за МИА рече дека првото издание на фестивалот било исклучително тешко да за организација како и годинашното. Како што сподели, иако работат во тешки услови, се трудат да понудат квалитетна поезија и нови и интересни содржини. Величковска вели дека изостанува поддршка од Министерството за култура.

– Немаме поддршка од Министерството за култура, кое минатата година по месеци и месеци чекање одговор на нашата жалба едноставно одговори дека сепак остануваат на одлуката да не нѐ поддржат бидејќи фестивалот се организирал за првпат и, ете, не можеле од нашата програма, од имињата на учесниците, како и од искуството на секој од нас во организацијата да утврдат дека навистина умееме да организираме ваков настан. Годинава имаа правило дека на конкурсот смеат да аплицираат само фестивали и манифестации што зад себе имаат барем три изданија во континуитет, па не аплициравме почитувајќи ги нивните нови правила, што потем во резултатите на конкурсот беа прекршени, со тоа што беа помогнати многу нови слични манифестации што се случија или ќе се случат за првпат, посочува таа.

Во интервју за МИА, македонскиот поет Андреј Ал-Асади, еден од учесниците на фестивалот, посочи дека Скопскиот поетски фестивал му е потребен на градот за да ја разгори љубовта кон пишаниот збор.

– Овој фестивал нуди бесконечно можности за размена на идеи, мислења и дружба, кои понатаму ќе влијаат врз проширување и продлабочување на естетските рамки во кои творат поетите – учесници на фестивалот. Фестивалот е нешто кое воедно нѐ предизвикува и нѐ подучува дека пишаниот збор може нешто навистина да смени. Од друга страна, пак, го збогатува културниот живот во Скопје и им овозможува на младите писатели да се претстават пред публиката и да научат нешто повеќе за тоа како се пишува добра поезија, вели тој.

Целото интервју со Ал-Асади можете да го прочитате тука, а наскоро на МИА ќе биде објавено и интервјуто со српската поетеса Радмила Петровиќ, исто така, учесник на годинешното издание на Скопски поетски фестивал.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/09/2022 09:11