Патувачкиот караван на меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ денеска и утре ќе ги посети Валандово и валандовските села Чалакли и Казандол.

Во Домот за културата „25 Мај“ во Валандово денеска ќе биде промовирана сликовницата „Волшебното патување на Простор и Време“ од авторот Мирко Трајановски и илустраторот Кристијан Јованоски, а потоа и кнгата „Невидливата куќа“ на Билјана С. Црвенковска и Ване Костуранов.

По промоцијата, најмалите посетители ќе имаат можност да учествуваат во креативна работилница, а во 19 часот ќе биде одржана трибина „Дали литературата за деца може да придонесе за развој во помалите средини?“.

На трибинта ќе учествуваат градоначалникот Перо Костадиновски, Мехмед Ариф (автор), Лилјана Нанова (библиотекар) и Софија Семенпеева (основач на „Литера“). Модератор на трибината ќе биде Александра Јуруковска.

Тимот на „Литера“ заедно со авторот за деца Мехмед Ариф утре ќе одржи уште две креативни работилници, во 10 часот во село Чалакли, а во 13 часот во Казандол. Тема на годинашниот фестивал е „Дом без граници“. На неа твореа илустраторите кои испратија свои дела на отворениот повик, а тоа е мотивот и на сите средби на најразлични места низ земјава.

Активностите во Валандово, како и неодамна завршениот летен камп во Богданци, се дел од четвртото издание на меѓународнот фестивал за литература и илустрација за деца, кој има изразено патувачки карактер. Преку децентрализација на културните настани, посебно оние за најмладите, Фестивалот се залага квалитетната литература за деца да стигне до што повеќе читатели.

Следно на „Литера“е изложба на дела на современи македонски илустратори на Фестивалот за детска литература и илустрација „Овца во кутија“, во Пазин, Хрватска. Четворица актуелни автори ќе се претстават во срцето на Истра на групна изложба од 12 до 18 септември.

Организатор на фестивалот „Литера “ е Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“, а главен покровител на годинашното издание е Халкбанк АД Скопје и нивното детското штедење Халки.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/09/2022 12:38