Со претстава на Народниот театар од Битола, во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев” синоќа почна првиот интернационален фестивал на дуодрама „Бранко Ѓорчев”.

-Извонредната претстава којашто актерите на Народниот театар од Битола ја одиграа пред неготинската публика, беше наградена со овации. По одличната увертира во фестивалот, денес на програмата се уште две претстави, две комедии, кои се надеваме ќе ги задоволат вкусовите на неготинската театарска публика. Првата претстава што ќе се одигра вечерва е комедијата „Анатомија на неверство” на Театар Комедија од Скопје, којашто со почеток од 19:30 часот ќе биде одиграна во кафе-бар „Амаро”. Оваа претстава е режирана да се одигра во специфичен простор, а актерите од Театар Комедија во редовната програма ја играат во бифето на театарот, рече неготинскиот градоначалник Горан Стојанов.

Втората претстава вечерва е комедијата „Ожени ме” на театарот „Провокација” од Скопје.

-Таа ќе биде одиграна во новиот дел на Музејот на град Неготино (I кат) со почеток од 21:00 часот. Текстот според кој е работена оваа претстава е компилација од неколку американски актуелни серијали и филмови и е дополнтелно локализиран, со што се добива една многу приемчива претстава која одлично комуницира со публиката, додаде градоначалникот Стојанов.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/09/2022 11:58