По повод 78 години од ослободувањето на Кавадарци, како и 46 години од почетокот со работа на Музеј галерија Кавадарци, вечер во оваа културна установа беше отворена изложба на фотографии од кавадарчанецот Ристе Стамаџиев. Изложени се 40 фотографии.

Директорот на Музејот Томе Крстевски потсети дека традиција е организирањето изложба на овој ден во годината. Тој се заблагодари за соработката со локалната самоуправа и поддршката што ја добиваат при реализација на проекти за афирмација и заштита на културното наследство.

-Овие фотографии го отсликуваат карактерот на градот Кавадарци, низ објективот на Стамаџиев. Неговата емоција пренесена на фотографијата ја доживуваме и ние за нашиот роден град, како секојдневно се менува кон едно посимпатично место, место што секогаш има своја душа и печат, нагласи Крстевски.

Честитајќи му на авторот, тој додаде дека сите таленти ја имаат поддршката на Музејот.

-Знам дека секоја фотографија има своја вредност. Но, овие фотографии за нас кавадарчани се посебно вредни, затоа што ја доловуваат и овековечуваат убавината на Кавадарци и Тиквешијата, дециден беше Крстевски.

Стамаџиев се заблагодари за поддршката од Музејот, локалната самоуправа и своите сограѓани и рече дека и во иднина може да очекуваат уште многу уметнички фотографии.

Билјана Галабова, кустос историчар на уметност во Музејот, рече дека преку прекрасни фотографии може да се нурне во убавините на Кавадарци. Таа нагласи дека фотографиите се хроничари на едно постоење.

-Но, најдоброто нешто за фотографијата е тоа што таа никогаш не се менува, го замрзнува моментот, ги отвора вратите на минатото, но ни овозможува и поглед кон иднината, нагласи таа. Галабова потсети дека првите панорами за Кавадарци датираат од почетокот на 20 век.

-Има и фотографии од времето на Илинденското востание. Но, во тоа време само побогатите можеле да си дозволат фотографии, па затоа фотографиите се малубројни, пренесе Галабова. Првото регистрирано фотостудио во Кавадарци било отворено во 1918 година.

Фотографиите на Стамаџиев може да се купат, а дел од финансиските средства обезбедени од продажба, ќе бидат дадени во хуманитарни цели.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/09/2022 02:45