Од викендов во Виница почнува вториот дел на детската работилница „Театар на сенки“, што како проект поддржан од Министерството за култура успешно се реализираше во Кочани во текот на мај и јуни годинава.
Под мотото „Од имагинација до креација“, целта на работилницата е децата на возраст од 8 до 12 години да стекнат нови знаења и вештини на креативен и забавен начин, а преку работа во група и социјализација, да се запознаат со процесот на создавање театарска претстава со сенки.
Обуките ќе се реализираат во Домот на културата „Тошо Арсов“, секоја сабота до крајот на октомври, а со најмладите ќе работат дипломираните актери Нина Максимова, Благојчо Стојанов и Јанка Лефкова од Кочани.
– Нашата идеја е да ги вклучиме најмладите во креирањето на културна програма што е намената за нивните врсници. Истовремено, сакаме да им помогнеме да ја зајакнат самодовербата, да го подобрат правоговорот и да го збогатат личниот вокабулар. Преку создавање приказни, што ќе ги пишуваат самите учесници со мала интервенција од наша страна околу драматуршкиот дел и поделбата на улогите, ќе работиме на подобрување на когнитивниот и физички развој, како и на ослободување на имагинацијата и нејзино финализирање во креативен производ. Заедно со децата ќе ги изработиме фигурите, а во завршницата ќе ја вежбаме играта пред светло и интерпретацијата на ликовите, истакна актерката Нина Максимова.
Пријавувањето на заинтересираните за учество на работилницата е бесплатно и трае до 16 септември, а бројот на групите е ограничен заради поефикасно работење и обука. Како завршница на проектот ќе бидат прикажани кратки пиеси, во чија креација и изведба ќе учествуваат децата.