Маскиран напаѓач со огнено оружје влегол во ноќен клуб во Истанбул каде што отворил оган врз присутните кои ја славеле новата година. Нападот се случил во 1:30 минути по полноќ по локално време, додека напаѓачот сè уште се наоѓа во бегство информираше турскиот министер за внатрешни работи а пренесоа светските медиуми.
„Потрагата по терористот е во тек. Се надеваме дека напаѓачот ќе биде фатен многу брзо. Ова беше масакар. Навистина нечовечка суровост“, изјавил министерот Сулејман Сојлу, додавајќи дека според нивните сознанија напаѓачот дејствувал сам.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ќе се бори до крај против тероризмот. „Се обидуваат да направат хаос, да го деморализираат нашиот народ и да ја дестабилизираат нашата држава преку одвратни напади во кои мета се цивили. Како нација ќе ја задржиме ладнокрвноста и ќе застанеме уште поблиску заедно. Нема да дадеме простор на вакви подли дела“, изјави Ердоган.
Од полицијата информираа дека најмалку 15 од загинатите се странски државјани, додека уште 69 луѓе завршиле во болница, 4 од нив во сериозна состојба.
Претходно, медиумите информираа дека напаѓачот носел облека на дедо мраз, но новите снимки од безбедносните камери го покажуваат осомничениот напаѓач во црн капут пред ноќниот клуб. Министерот Сојлу, на пресконференцијата, наведе дека напаѓачот веројатно го напуштил клубот во друга облека.