Ивица Дачиќ, шефот на српската дипломатија во новогодишното интервју за српската агенција Бета изјави дека Црна Гора и Република Македонија ја изневериле Република Србија бидејќи гласале за прием на Косово во Унеско и дека Србоија погрешила што ја признала Република Македонија под нејзиното уставно име.

„Србија направи голема грешка поради тоа. Цела Европа и цел свет го користат називот „Поранешна Југословенска Република Македонија“, а ние на нашите браќа Грци им удривме шамар и сега очекуваме од Грција да не го признае Косово, додека пак Македонија ја признавме навредувајќи ги Грците, а сега тие (Македонците) секогаш гласаат за Косово. Јас морам да кажам дека сме будали, еве ќе употребам недипломатски израз“, истакнал Дачиќ во интервјуто за новинската агенција Бета.

Според Дачиќ, Белград во билатералните односи со Скопје ќе го употребува уставното име, додека на мултилатерално ниво ќе го користи името кое се употребува во ЕУ и ОН, односно референцата Поранешна Југословенска Република Македонија.

„Сега вие ќе речете дека тоа е освета. Тоа не е освета, тоа е одговорна државна и национална политика. Не е Србија играчка па сите да можат да си играат со нас. Ние на никого нема да му дозволиме да не понижува. Ако на некого не му се важни нашите цркви и манастири на Косово и Метохија, кои се запалени и уништени, и тоа не е доволно за некој да биде барем воздржан на прашањето за УНЕСКО, тогаш морам да ја ставам во прашање и суштината на нашите односи“, истакнал Дачиќ.

Покрај ова, српскиот министер за надворешни работи истакнал и дека Република Србија во иднина ќе го применува начелото на реприцотитет, заканувајќи се дека “едвај чека во меѓународните односи да се појави прашање или проблем кој е важен за Македонија и Црна гора“

„Јас не говорам дека сега ние ќе преземеме нешто против Црна Гора или Македонија или Хрватска, јас само говорам за нашиот однос кон нивните барања кога тие ќе бидат на дневен ред, а инаку за нашите билатерални односи, тоа нема никаква врска. Се работи за нашиот територијален интегритет...“, потенцирал шефот на српската дипломатија.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/01/2017 16:33