Еден од најдобрите тенисери на сите времиња Роџер Федерер во својот последен натпревар во кариерата не успеа да забележи победа во двојки со Рафаел Надал, иако беа на поен од триумф, но на крајот славеше американскиот пар Џек Сок и Френсис Тијафо со 4-6, 7-6, 11-9.

Последниот натпревар во кариерата на легендарниот швајцарски тенисер одигран на егзибицискиот Лејвер куп во Лондон траеше два часа и 15 минути и донесе фантастичен тенис.

Во драматичен расплет, исполнет со безброј прекрасни поени, Федерер и Надал во продолжениот тајбрејк поведоа со 9-8 и имаа меч топка на сервис на Швајцарецот, но Сок и Тијафо нанижаа три поени и му ускратија победничко збогување на Федерер со тенисот.

„Ова беше прекрасен ден. Им реков на момците дека сум среќен, дека уживав. Беше ова одличен натпревар“, изјави Федерер пред публиката во преполната О2 Арена во Лондон,

Федерер потоа со многу емоции и солзи се поздрави со членовите на Тимот на Европа, а емотивното збогување продолжи и кога се поздравуваше со противничкиот табор од Тимот на остатокот на светот.

Федерер стави точка на кариерата во која освои 103 трофеи, вклучувајќи 20 грен – слем титули.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/09/2022 09:45