Голема чест и задоволство е да бидеш одликуван од претседателот на државата со орден „8 Септември“ по повод Денот на независноста, вели македонскиот спортист, Бранимир Јовановски од Куманово. Тој заедно со негови тројца колеги, го доби одликувањето, за кое вели дека е сублимат во кариерата како спортист и тренер.

Во опуштена атмосфера го раскажува невообичаениот пат кон освоените златни, сребрени и бронзени медали, од случаен натпреварувач од 1984 сè до денес, Јовановски е синоним за успешен кумановец, прв македонски параолимпиец, освојувач на златен медал на параолимпијада.

Токму оваа година одбележува 30 години од освојувањето на златниот медал во дисциплината воздушен пиштол, со (во тоа време) нов светски и параолимписки рекорд, на параолимписките игри во Барселона 1992 година.

– Голема чест и задоволство е да се добие орден од државата како заслуга за народ, валоризација на севкупните залагања, во мојот случај, на спортските тренерски достигнувања во мојата кариера. Доаѓа како сублимат на успесите и веројатно круна на целата моја кариера, вели Јовановски.

Не го криеше задоволството кое доаѓа, како што вели, по сите откажувања, вложувања, тренинзи. Особено е горд што токму на 9 септември 1992 година го освојува златото, како подарок за нацијата, за младата штотуку осамостоена држава.

– Останав препознатлив по тој златен параолимписки медал со светски параолимписки рекорд, иако јас пред тоа, а и после тоа освоив повеќе од 50 медали од меѓународни првенства, меѓутоа овој остана како белег на мојата спортска кариера, вели Јовановски.

Со стрелаштво почнал да се занимава случајно, на 22 години првпат пукал со пиштол, бидејќи недостигал еден член од репрезентацијата. Иако, дотогаш пукал само со пушка се натпреварувал на републичкото првенство во Скопје и освоил второ место. Стручните го препознале талентот, но во тој период и немало некакви услови за тренинг. Наредната година заминал на државно првенство во тогашна Југославија и тогаш прв пат стрелал над 500 круга што, како што појаснува, тогаш за Македонија бил одличен резултат. По освојувањето на првенството, добил оружје за тренинг, постепено почнал да ги подобрува своите резултати.

Од 1988 година станал член на репрезентација на тогашна Југославија, бил државен првак на поранешната држава во два наврати, два пати освоил втори места.

– Оној кој спортувал во тоа време сигурно ќе знае дека да станете шампион на Југославија беше еднакво како денеска да станете балкански шампион. Сите ние тешко влегувавме во репрезентација, но откако ќе влезевме веќе на првото првенство освојувавме медали. Тоа беше таква силна конкуренција на натпреварувачи што навистина мораше да имате добри перформанси за да можете да станете репрезентативец, вели Јовановски.

Не ја заборава доблеста на тогашниот Сојуз на спортски федерации на Југославија, кои ѝ покрај осамостојувањето на државата, ги пополниле формуларите за пријава за учество во Барселона, ниту ја заборава поддршката од тогашното македонско Министерство за образование и спорт кое одвоило средства за учество.

– Заминав таму, резултатот кој го постигнав воопшто не беше изненадувачки за мене и луѓето околу мене, бидејќи јас тој резултат го имам стрелано на домашни простори повеќе пати, само што некако медиумски не беше експониран и луѓето малку знаеја за тоа. Тука е и вредноста на вас новинарите. Во спортско стрелаштво се стрела на три различни далечини. Овој медал е освоен со воздушен пиштол кој се стрела на десет метри, а имаме дисциплина која се нарекува спорт-пиштол, се стрела на 25 метри, и кралската дисциплина, слободен пиштол која се стрела на 50 метри, се стрела со една рака, нема право да се потпира никаде. Значи дека треба максимално да биде извежбана рамнотежата, да имате специфична издржливост. Тоа се сериозни тренинзи, постои литература, тип на тренинзи, но треба огромна жртва, вели Јовановски.

Тој раскажува дека постојано тренирал, не спиел, како млад родител и сопруг работел, го жртвувал времето поминато со семејството, пријателите, роднините, што според него е втората страна на медалот која никој не ја гледа. Не сакаше да каже кој медал и кое првенство му се најдраги, вели „тоа е како да одвоите кое дете повеќе сакате“. Но, признава дека олимпискиот медал си има своја тежина.

– Кога ќе застанете на највисокото место на подиумот и кога ќе се крене знамето на државата и ќе се свири химната, сите се драги, не можете да кажете дека овој ми е подраг од овој. Некогаш се случува бронзениот медал да ви е многу подраг од златниот бидејќи борбата била тешка, на некој начин сте успеале да се извлечете од своите проблеми и да освоите поени што ви дава дополнителна сила, вели Јовановски.

Покрај спортската кариера, бил и најдобар спортист на државата, пет пати бил најдобар спортист во Куманово, а од 1996 година почнал да се занимава и со тренерска работа каде има забележителни резултати.

– Започнав со Ванчо Каранфилов кого подоцна 2004 година го доведов до сребрен медал на параолимписките игри во Атина. Со Митко Фидановски од Битола, Тони Митровски и уште неколку стрелци за да некако од 1999 година почнам да работам со Оливера Наковска Бикова од Битола, која во меѓувреме стана најдобар спортист на Македонија, најдобар параолимпиец. Ако велат дека ученикот треба да го надмине учителот, тогаш јас навистина сум ја остварил таа цел како тренер, педагог, спортски работник, бидејќи она што јас го освоив во Барселона 1992 година, го повторив како тренер со неа во 2012 во Лондон. Таа освои златен медал со светски параолимписки рекорд, двократна европска шампионка, сега оваа година во март ја освои по втор пат титулата европски шампион, после 20 години, првата ја освои во 2001 година во Данска, наведе Јовановски.

За него најдобро е да се работи со млади на кои може да им се влијае и врз развојот на карактерот. По неговите спортски достигнувања заживеало стрелаштвото во државата и во градот. – Но, во моментов состојбата не е сјајна, вели Јовановски.

-Услови во стрелаштво скоро и да нема. Во нашата држава има само три малокалибарски стрелишта од кои едно е во функција, во класична функција тоа е стрелиштето во Охрид, во Скопје дадено е под концесија. Одиме, тренираме, скапа е опремата, клубовите немаат доволно средства. Мојот колега од македонската спортска стрелачка федерација мака мачи и многу труд вложува за да го подигне стрелаштвото на повисоко ниво, меѓутоа доста тешко оди, вели Јовановски.

Владата во претходниот период и го врати во владение стрелиштето на општината. Јовановски се надева дека наскоро ќе добијат простор за тренинг.

– Знаете Куманово е град на олимпијци, не можеме и не треба да ги заборавиме успесите на Аце Русески, неговиот бронзен медал од Монтреал 1976 година, Реџеп Реџеповски среброто од 1984 година, мојот златен медал од 1992 година, ако погледнете тоа е на осум години и сега веќе нема ништо. Мислам дека може да се постигне и некој од дечињата во нашиот град да може да се радува на високи спортски постигнувања, нормално и љубителите на спортот на нивните остварувања, нагласи Јовановски.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/09/2022 09:38