Дебарската каратистка Сара Дука го освои првото место на државниот шампионат што се одржа во Охрид, во јуниорска категорија до 48 килограми. Таа се здоби со право да учествува на Светското првенство што ќе се одржи во Коња, Република Турција од 26 до 28 идниот месец.

– Сара ќе биде првата спортистка од Дебар која ќе биде дел од Светско првенство. Ова е голем, историски, успех не само за неа и клубот туку и за спортот во нашиот град во целина. Таа е голем борец, очекувам да продолжи со успесите, изјави за МИА тренерот Дурим Пачуку.

Успешни беа и останатите тројца каратисти кои освоија втори места и сребрени медали.

– Со сребрен медал се закитија Гента Села, Ера Коџа и Азиз Рамадани. Со тоа обезбедија учество на Балканското првенство што ќе се одржи во Црна Гора од 4 до 6 ноември. Секако пласман за ова првенство обезбеди и Сара Дука. Горд сум на сите нив, додава тој.

Пачуку, искажува голема благодарност до родителите на каратистите, до сите дебрани, и посебно до градоначалникот Хекуран Дука за поддршката.

– Посебна благодарност сакам да упатам до градоначалникот Хекуран Дука, за целосната финансиска и морална поддршка што во континуитет ни ја дава. Без таа поддршка се подразбира дека не можеме да стигнеме на сите натпреварувања, посочи Пачуку.

Дука во свое и во име на граѓаните го честиташе успехот, повторувајќи ја уште еднаш определбата на локалната власт за поддршка на спортот и културата.

– Од се срце ви го честитам заслужениот успех драга младино, а овој град никогаш нема да умре затоа што се уште има и ќе има луѓе кои зрачат со позитивна енергија и младите ги насочуваат на вистинскиот пат. Во име на граѓаните на Дебар без никакви двоумења ви даваме целосна поддршка во сите правци, напиша меѓу другото Дука на Фејсбук.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/09/2022 03:32