Македонската репрезентација го освои шестото место на 11. Светско екипно првенство во компонирање на шаховски композиции (СЕПК) 2021-2022, остварувајќи го својот втор најдобар пласман досега, по делбата на 5.-6. место на 9. СЕПК 2012-2013.
Велемајсторот за шаховски композиции (ВМ) Зоран Гавриловски третпат по ред (9., 10. и 11. СЕПК) е МВП со најмногу освоени поени од сите учесници на СЕПК и има свои 12 проблеми во топ-20, од кои 6 во топ-10 (вклучувајќи две трети места) на 11. СЕПК.
Гавриловски освои 93,1 екипни поени (повеќе од екипните поени на 27 репрезентации), а мајсторот Георги Хаџи Васков освои 4,4 поени. Капитенот на репрезентацијата, ФИДЕ мајсторот Никола Столев за 11. СЕПК прати шаховски композиции и од него и од интермајсторот Златко Михајлоски, но тие не освоија екипни поени.
– Моите и репрезентативните успеси неколку децении го афирмираат угледот на македонскиот проблемски шах и на државата, но тие успеси во сферата на т.н. „шаховска поезија“, за жал, како не ги интересираат надлежните органи, од кои нема никакво признание или валоризација, за разлика од посветуваното внимание и доделените средства за практичниот шах, каде што успесите се помали“, вели Гаврилоски, кој е вицешапион во групата самоматови на двете последни поединечни светски првенства во компонирање.
На 11. СЕПК учествуваа 33 репрезентации (не и Русија и Белорусија, кои беа суспендирани) со по најмногу три шаховски композиции во секоја од осумте групи (80 двопотези, 69 трипотези, 61 повеќепотези, 68 студии, 86 помошни матови, 65 самоматови, 48 вилински проблеми и 73 ретро проблеми). Се компонираше на однапред зададени теми, а судиски тимови од по пет земји даваа оценки од 0 до 4 поени, но за екипите се сметаа само поените на нивните две најдобро пласирани шаховски композиции во секоја група.
Првото место во вкупен пласман го освои Словачка, пред Украина, Германија, Србија итн.