Албанскиот претседател Бајрам Бегај ги почна консултациите со политичките партии околу одредувањето датум на одржување на редовните локални избори идната година.

Прв кај шефот на државата беше лидерот на владејачките социјалисти и актуелен премиер Еди Рама. Кабинетот на Бегај внимаваше да го почитува протоколот на одлуката нон грата и на средба кај него од побројното крило на опозициската Демократска партија беше Оерд Булукбаши, а не лидерот Сали Бериша.

Одвоена средба Бегај имаше и со лидерот на Партијата на слободата Илир Мета, а утре доцна попладне планирана е средба со Енкелејд Алибеај, лидер на останатото крило на ПД.

Врз основа на одредбите од изборниот законик, изборите треба да се одржат во периодот од 15 април до 15 мај 2023 година. Но, веројатно датумот што се очекува да го објави претседателот Бегај ќе биде недела, 14 мај.

Последните избори одржани на 30 јуни 2019 година ги бојкотираше обединетата опозиција, па од 61 општина во 60 градоначалници станаа социјалисти, а само во општина Финиќ од партијата на грчкото малцинство МЕГА.

На 6 март годинава се одржаа предвремени избори за градоначалници во шест општини, главно поради вмешаност на претходните во криминални активности.

Во пет победија кандидати на Социјалистичката партија, а во Скадар од крилото на Бериша. Тој во трка беше како кандидат на изборната коалиција „Дом на слободата“ на Движењето за социјалистичка интеграција на Моника Круемади и Демохристијанската партија на Нард Ндока, во која комисијата не го призна како политички субјект за учество крилото на Сали Бериша, но сите шест кандидати беа негов предлог.

Ова беше најголем удар за тогашниот лидер на ПД, Љуљзим Баша, чии кандидати добија минимален број гласови.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/10/2022 05:23