Меѓународната скијачка федерација (ФИС) донесе одлука да ја задржи на сила суспензијата за руските и белоруските спортисти за сите свои натпреварувања.
„Во интерес на зачувување на интегритетот на натпреварувањата на ФИС и безбедноста на сите учесници, а во согласност со препораките на МОК, Извршниот одбор одлучи да ја задржи забраната за настап на руските и белоруските спортисти на сите натпреварувања“, соопшти ФИС по состанокот во Золден.
ФИС во март годинава, по руската инвазија врз Украина, воведе суспензија за сезоната 2021/22, која сега е продолжена и на новата сезона.
Одлуката најмногу е влијае на натпреварувањата во нордиско скијање, дисциплина во која руските натпреварувачи освоија речиси третина од сите медали на последните Зимски олимписки игри во Пекинг.
-Ќе се вратам. Сите мораме да се вратиме, напиша на социјалните мрежи, коментирајќи ја одлуката на ФИС, руската скијачка Вероника Степанова, која во Пекинг го освои златниот медал во женската штафетна трка.