Двократниот светски првак во Формула 1, Холанѓанецот Макс Ферстапен, го освои првото место во квалификациите за Големата награда на Мексико и ќе стартува од пол – позицијата на трката која е закажана за вечерва од 21 часот.
Зад Ферстапен во првиот ред ќе стартува Џорџ Расел (Мерцедес), додека неговиот клупски колега, седумкратниот светски првак Луис Хамилтон, беше најбрз во првите две фази од квалификациите, но, сепак, ќе стартува од третото место.
Домашниот херој Серхио Перез (Ред Бул) беше четврти во квалификациите.
Ферстапен, кој лани победи во Мексико, со евентуален триумф на патеката „Автодром Херманос Родригез“ денеска би можел да постави нов рекорд според бројот на победи во оваа сезона. Со досегашните 13 победи, 25-годишниот холандски возач се израмни со Михаел Шумахер од 2004 и Себастијан Фетел од 2013 година, но сезонава има значително повеќе трки во календарот на Ф1.
За Ферстапен ова е 19 пол – позиција во кариерата, а шеста во оваа рекордна сезона.