На тетовското подрачје за девет месеци оваа година казнети се 350 лица кои додека управувале моторно возило зборувале на мобилен телефон, информираа денеска од СВР Тетово.
На возачите-прекршители изготвени им се соодветни поднесоци и тие ќе се соочат со парични глоби кои за овој вид прекршок, согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, изнесува 40 евра во денарска противвредност.
– Секторот за внатрешни работи продолжува со континуирани активности за брзо и ефикасно откривање и санкционирање на ваквите прекршоци и повторно апелира до возачите да се воздржат од користење мобилни телефони додека возат, најчесто за зборување или пишување пораки. Зашто, користењето на телефоните непосредно влијае на концентрација и вниманието на возачите и ја доведува во ризик нивната и безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Ова, посебно ако се движат со поголема брзина и при поголема фрекфренција од возила и пешаци, вели Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Од полицијата апелираат и за зголемена внимателност, возачите да ја прилагодат брзината според условите на патот, со оглед на тоа што претстојат влажни и постудени денови.