Во турскиот туристички центар Анталија денеска почнува Европското младинско шаховско првенство во шест возрасни категории во машка и женска конкуренција на кое ќе настапат 1002 млади играчи од 46 европски земји, меѓу кои дури 28 меѓународни мајстори и 93 ФИДЕ мајстори.
Во составот на македонската репрезентација се 11 шаховски надежи во пет возрасни категории.
Во машка конкуренција ќе настапат Никола Петровски (У10), Андреј Иванов (У12), Кристијан Лазовски (У14), Антон Златков (У16), и Леонид Петрески и Емил Ристески (У18).
Во составот на женската репрезентација се Ивана Велковска и Наде Смилевски (У12), Моника Жежовска (У14), Инџи Ајрадиновска (У16) и Михаела Зрмановска (У18).
Според пропозициите ќе бидат одиграни девет кола по швајцарски систем на натпреварување во темпо од 90 минути за 40 потези и 30 минути за остатокот од партијата, со дополнителни 30 секунди за секој одигран потег.
Завршното коло на Европското шаховско младинско првенство во Анталија е на програмата на 14 ноември.