На Брзопотезниот турнир во шах што во изминатите три дена се одржуваше во Велес, првото место го освои Николче Ѓорѓиевски, второто Трајче Недев и третото Менсур Бачевац. Турнирот го организираше Градски шаховски клуб „Велес“ во соработка со Здружението на пензионери во чии простории се одржуваше турнирот, а под покровителство на Општина Велес во рамките на програмата на 9-ти Ноември ден на ослободување на Велес.

Имаше 22 учесници од 9 до 83 години, а се играше според Бергеров Швајцарски систем секој со секого. Имаше 22 кола, а синоќа се одржаа последните осум кола, информира за МИА Ристе Трајановски претседател на ГШК „Велес“.

-Целтта на турнирот кој планираме да стане традиционален е да го потикнеме играњето шах посебно помеѓу младите, бидејќи со играње на шах се развиваат интелектуалните способности кај децата за размислување и расудување. Воедно ја поздравуваме идејата на Министерството за образование и наука, шахот да се воведе во наставата во училиштата. Ние како шаховски клуб и повеќегодишни шахисти со искуство им го нудиме своето знаење и искуство, потенцира Трајановски.

Првопласираниот, 52-годишниот Николче Ѓорѓиевски во разговор за МИА информира дека шах активно игра од 1986 година во тогашниот Шаховски клуб „Единство“ кој постоеше до крајот на минатиот век.

-Потоа се се растури, ни ја земаа просторијата и немавме услови за работа, па згаснаа и натреварите во шах, појаснува Ѓорѓивески.

Тој и останатите шахисти во 2015 година направиле напори да формираат нов шаховски клуб „Велес“ и последнава година-две, работат на заживување на шахот во градот, посебно кај младите. Велешките шахисти велат дека засега најголем проблем им е немањето просторија. Тие се надеваат дека локалната власт наскоро ќе им даде просторија каде ќе можат да се среќаваат и да играат шах и воедно и да се натпреваруваат.

Тие информираат дека засега се натпреваруваат на државното првенство во шах индивидулно една група на велешки шахисти, но наскоро планираат да се натпреваруваат како Градски шаховски клуб „Велес“.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/11/2022 12:58