Ансамблот на НУ Народен театар-Битола, годишнината од основањето ќе ја одбележи со музичко-сценски перформанс „За нашиот театар“ кој утревечер ќе биде изведен на големата сцена „Благој Стефановски-Баге“.
Првиот македонски театар кој на 14 ноември 1944 година во Битола ја изведе првата театарска претстава на современ македонски јазик, едночинката на Владо Малески, „Ѓоре Магаревски“ во режија на Димче Стефановски, и годинава со посебна програма ќе го одбележи денот на основањето, информираа од битолскиот театар.
-Утре претпладне за најмладите ќе биде понуден проектот „Зошто го сакам театарот“, во фоајето на театарот ќе биде отворена изложба на театарски портрети чиј автор е Кирил Геговски, а во 20 часот нашите актери ќе го изведат музичко-сценскиот перформанс „За нашиот театар“. На сцената ќе настапат актерки и актери од сите генерации, вклучувајќи ги и пензионираните Петар Мирчевски, Менка Бојаџиева, Соња Михајлова, режисерот Љупчо Ѓоргиевски, сценографот Драган Ангелковиќ и други театарски работници, посочија од НУ Народен театар-Битола.
Како што е познато, 14 ноември 1944 година се смета за ден на основањето на Битолскиот театар, а основачи се Јорго Цаца, Вера Вучкова, браќата Димче и Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев и Јован Бејко.
Со основањето на НУ Народен театар-Битола во 1944 година, почна процес на основање на другите театари во земјава, во Скопје, Прилеп, Велес и други македонски градови.