Во галеријата на македонскиот Културно-информативен центар во Софија, синоќа беше отворена изложбата „Уметноста како трансформирана реалност“, составена од графици на младите автори Берат Бекири, Астрит Реџепи и Улбер Даути, јави дописникот на МИА од Софија.

На отворањето на изложбата се обрати и заменик-амбасадорот на Македонија во Бугарија Владимир Крстевски.

Младите автори од Тетово за првпат се претставуваат пред публиката во Софија. Директорот на КИЦ во Софија Сашко Насев рече дека изложбата ќе и даде можност на бугарската публика и познавачите на графиката и културата, да се запознаат со нивната уметност.

Меѓу изложените графики има и дигитални графики и нивните творби заемно се надополнуваат, а за тоа зборува и насловот на изложбата за трансформираната реалност во која, освен природни форми, се гледаат и стари градски симболи што ја покажуваат убавината на едно минато.

Берат Бекири, за МИА изјави дека дошле на изложбата во Бугарија, за да го покажат Тетово и неговите културни симболи, со цел да не бидат заборавени туку преку културата да се ревитализираат.

Бекири рече дека графичката уметност денес повторно станува популарна меѓу луѓето и им дава можност на нејзините љубители да проникнат во минатото, но и да гледаат нанапред кон иднината.

Тројцата уметници имаа и свои индивидуални изложби во повеќе градови како во Македонија, така и во Косово, Албанија и Турција.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2022 10:26