Руските медиуми денес ја демантираа информацијата објавена од „Метаратингс“ дека 27-годишниот руски биатлонец Виктор Плицев следната сезона ќе ја претставува репрезентацијата на Македонија. Вчера (15 ноември) порталот Metaratings објави за трансферот на Плицев.

-Информациите што се појавија во печатот не се точни. Сакаме да ве информираме дека во нашиот тим нема спортист Виктор Плицев, изјавил претставник на Биатлон федерацијата на Македонија за руските медиуми.

Плицев беше член на јуниорскиот тим. Има златни медали на светските првенства меѓу младинци и јуниори, но од 2017 година не е вклучен на меѓународни натпревари. Минатата сезона, како член на тимот Удмуртија го освои Купот на Русија.

Меѓународната унија за биатлон (ИБУ) не дозволува руски спортисти да учествуваат на меѓународни натпревари поради конфликтот во Украина.

Претходно, организацијата беше принудена да ја откаже првата фаза од Купот на ИБУ, што требаше да се одржи во Шушен (Норвешка) од 24 до 27 ноември.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2022 11:12