Изложбата „Јадачи на компири“ од авторите Стефан Анчевски и Марија Трпеска за љубителите на уметноста сè уште е достапна во Социјалниот центар „Дуња“ Скопје, информираа денеска авторите. Изложбата беше поставена како дел од програмата на СЦ „Дуња“ по повод шест години постоење на центарот.

– Концептот на изложбата „Јадачи на компири“ се состои од колажирани фотографии од знаменитости во градовите на кои се аплицирани компири, алудирајќи на нула (компир) функционалност, функционирање на системот. На настанот беше послужен и поделен печен компир на посетителите во Социјалниот центар „Дуња“. Насловот „Јадачи на компири“ произлегува од истоименото познато дело на Ван Гог кое во суштина претставува семејство кое ја споделува храната, компирите, произведена со сопствена мака и труд. Затоа ние споделивме компири за да го репродуцираме делото и да ја нагласиме важноста на споделувањето и заедништвото, пишуваат авторите.

Стефан Анчевски (Куманово, 1993) дипломирал графика на Факултетот за ликовни уметности во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Реализирал свои самостојни изложби во Скопје, Кочани, Струга, Кичево и Прилеп, учествувал на повеќе групни изложби (Крагуевац, Куманово, Скопје, Битола, Пловдив, Угљевик, Неготино, Димитровград, Панчево, Белград, Голубац, Кочани, Виница, Струга, Нови Пазар) и на повеќе ликовни колонии во земјава и странство. Член е на ДЛУБ (2022). Живее и работи во Куманово. Во 2019 година е креативен/арт директор на „Д-фестивал“ – Дојран, а во 2014 година добитник е на прва награда „TrashForArt“.

Марија Трпеска (Скопје, 1989) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, насока ликовна педагогија со сликарство. Досега има одржано самостојни изложби (Скопје, Прилеп) и учествувал на повеќе групни изложби низ земјава и странство. Добитник е на наградата „Четири мајстори на модернизмот“ за сликарство во 2017 година. Живее и работи во Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2022 11:43