Евалуација на можни кризи треба да се направи уште пред да се почне со проектирање на објект каде ќе се чува културното наследство. Ние сме делумно подготвени да реагираме во случај на криза. Потребен е план по кој ќе се реагира во случај на природна непогода, но и обука на вработените во културните институции, смета претседателката на Македонскиот национален комитет на „Син Штит“ – организација за заштита на културното наследство во криза, Оливера Џартовска Тачевска.

Според Џартовска Тачевска, опасностите од неприродни непогоди се случуваат моментално и затоа превенцијата е првата постапка која треба да биде вистински имплементирана.

Таа додаде дека како држава делумно сме подготвени да реагираме во случај на криза, но сепак станува збор за секоја институција одделно, колку ја препознала важноста на практично и вистинско имплементирање на овие процедури за реагирање и делување во случај на природни непогоди.

– Целокупниот процес на градење на проект за превенирање би требало да започне уште со самото планирање на нештата. Тоа значи ние прво треба да направиме евалуација на можни кризи, пред да почнеме со проектирање на објект кој ќе биде место каде ќе се чува културно наследство. Ако зборуваме за поплава, се поставува прашањето дали е во ред веднаш покрај брегот на река која многу пати поплавила да се изградат музеи кои во себе чуваат културно наследство, а таму да е и Државниот архив на Македонија, кој чува културно наследство од категорија најранлива на влага и поплава, изјави Џартовска Тачевска пред почетокот на форумот „Управување со ризици од поплави за заштита на културното наследство“. кој се одржа во Сули Ан во организација на „Син Штит“.

На денешниот форум, како што информираше таа, ќе се презентира изработениот план за реагирање во случај на природни непогоди и други опасности.

Голем дел од музеите и други објекти од областа на заштитата на културното наследство имаат вработено служби од областа на безбедноста и од одамна имаат изработено и функционални планови, но како што рече Џартовска Тачевска, целта на форумот е да се поттикнат истото да го сторат и оние институции кои немаат или пак да ги ажурираат своите планови, согласно најновите стандарди. Но, како што напомена таа, планот е само документ по кој што би требало да се функционира.

– Доколку сакаме фактички да се случи вистинска и правилно справување со појавената криза, тогаш се потребни функционални тимови, вежби, обука не само на Бригадата која што е предвидено да го води процесот на евакуација во случај на непогода, но и на сите вработени, затоа што првата евакуација, односно првата помош, секогаш доаѓа од оние кои се на непосредната близина, додаде Џартовска Тачевска.

И инспекторот во Државниот архив – Одделение Велес, Наумче Ризовски е на ставот дека културните објекти, но и Државниот архив треба да се гради подалеку од водни површини – реки, езера, мориња… и да се испита геолошкиот состав на земјиштето, дали има подземни води, за да не дојде до влага во просториите каде што се чува архивскиот материјал во депоата.

– Државниот архив на Македонија е лоциран до самата река Вардар и многу е голема веројатноста за оштетување на архивскиот материјал од појава на влага. Моите забелешки се дека треба да се изгради нов наменски објект за архивот, кој би бил далеку од водна површина, но и од централното градско подрачје, каде што има најмногу штетни издувни гасови. Исто така, треба да биде комуникациски добро поврзан со центарот на градот и со останатите институции, изјави Ризовски пред почетокот на форумот.

Тој додаде дека Државниот архив во пракса ги презема сите превентивни мерки во однос на заштитата на архивскиот материјал како културно наследство. Тие превентивни мерки се однесуваат на сите надворешни и внатрешни влијанија кои што можат да го оштетат архивскиот материјал.

– Во надворешни влијанија спаѓаат влагата, прашината, загадениот воздух, штетните гасови, температурата и сите кои можат да придонесат за оштетување на архивскиот материјал. Внатрешните влијанија можат да се бараат во самата подлога, односно материјалот на кои што е пишан документот како и со средствата со кои е напишан документот, додаде Ризовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2022 15:11