Успешно е спроведен проектот „Мониторинг на православно културно наследство“ во Кумановско-осоговската епархија, соопштија денеска учесниците. Целта на проектот е увид во тековната состојба на црковните објекти, мапирање на нивната локација и достапноста, за кои последователно ќе се имплементираат стручните зафати и пропратни интервенции. Проектот се спроведуваше по иницијатива на ИКОМОС Македонија, заедно во соработка со МПЦ-ОА, финансирани од страна на Амбасадата на САД.
-Задачата на стручните лица од тимовите е да ја детерминираат состојбата на црковните објекти кои се тема на обработка, вклучувајќи го архитектонското обликување на црковните објекти, иконостасот, живописот и останатиот црковен инвентар, се со цел за успешно сублимирање на комплексноста на проектот. Тековната 2022 година тимот број 4 успешно го спроведе увидот кој беше предвиден во Кумановско-осоговската епархија, каде што во следната во план е теренскиот увид на црковните објекти во Тетовско-гостиварската епархија, на ист принцип на реализација, изјави Валентина Илијевска, ликовен уметник, конзерватор и реставратор, надворешен соработник на МПЦ-ОА.
Покрај Илијевска, во стручниот тим учествуваат и претставници и стручни од областа на архитектура и градежништво, ликовна дејност и историја на уметност, лидер на тимот, Цветанка Хаџи-Пецова, архитект и претставник од НКЦ-Скопје заедно со Мирјана М. Машниќ историчар на уметност, Филип Манојловски градежен инженер при ИЗИИС .
-Им се заблагодаруваме за досегашната успешно остварена комуникација и соработка, пред сè со свештенството кое несебично излезе во пресрет за совладување на проодноста на теренот при извршување на увидот, но не изоставајќи го и локалното население, воедно и црковниот одбор кои беа срдечни и гостопримливи кон тимот, кажа Илијевска.
Проектот почна со свечено отворање и обраќање, воедно конференција со запознавање на содржината на проектот на 5 мај 2022 во манастирскиот комплекс „Св.Ѓорѓи“ во Нерези, ИКОМОС Македонија на чело со претседател Кристина Бицева, како носител на проектот „Мониторинг на православното културно наследство“ заедно со стручните лица и неговите членови кои се организирани во тимови, за полесно спроведување на проектот, кој е предвиден да се изврши во текот на 2022 и 2023 година.