Во Домот на културата „25 Мај“ во Валандово, во организација на Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст-Струмица“, во соработка со Општина Валандово, синоќа беше одржано второто издание на книжевната манифестација „Валандовско поетикување“.

На манифестацијата настапија членови на читателскиот клуб од Валандово кои се претставија со избор на поезија од македонски и странски автори, меѓу кои Тагоре, Рацин, но и современици како Вања Изова Велева од Струмица и Јосип Коцев кој по потекло е од Валандово, за потоа да се слушнат стиховите на поетите од Струмица, Митко Гогов, Никола Сарајлија и Ален Нанов и поетесата Елизабета Чилевска Пандева, како и прозаистката Станка Бајлозова Барламова од Валандово.

Настанот го модерираше Дејан Трендов, а со музичко интермецо се претстави Панче Илиев – Пи.

Дел од програмата беше посветен на Мајкл Ротенберг, ко-основачот на глобалното поетско движење „100 илјади поети за промена“ кој оваа седмица (21 ноември) го напушти физичкиот свет, а дел од колекцијата на зборници кои се издаваат редовно на манифестацијата „100 Илјади поети за промена“, која се организира во Струмица изминативе 12 години, беа подарени за архивата на библиотеката која работи во рамки на ЈОУ Дом на култура „25 Мај“во Валандово.

-Можноста да се биде во преубавиот амбиент на Домот на културата „25 мај“ во Валандово, кој специјално го уредивме за оваа манифестација во соработка со директорот Деан Исиров, е да се слушнат и видат домашните автори во еден сосема уникатен и неформален начин, со помош на интеракција и слободен пристап е навистина реткост. Задоволните лица на присутните ни даваат поттик да продолжиме да ја реализираме оваа манифестација и во иднина, рекоа организаторите.

Додадоа дека „Валандовско поетикување“ е спој од различни поетски доживувања на едно место. Според нив, овој нов мултимедијален формат кој се користеше за ова издание ќе направи Валандово да биде препознаено на книжевната мапа на државата, а ваквото вмрежување на поети и прозаисти од регионот подразбира културен прогрес за сите.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/11/2022 12:52