Македонската дива, поп-ѕвездата Калиопи Буклеска – Букле синоќа одржа голем спектакуларен концерт на големата сцена на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, а на нивна покана, како и на нејзиниот поранешен сопруг актерот Васил Зафирчев, кој е и уметнички директор на велешкиот театар.

Претходниот концерт во државава Калиопи го одржа пред седум години во Битола.

На синоќешниот концерт во Велес, Калиопи настапи со песни од сите свои албуми „На пат за Македонија“, „Обои ме”,„Црно и бело“, „Не плачи“, „Најмила“, „Дали ме сакаш“. Таа концертот го заврши со една од најпознатите свои песни „Бато“.

На концертот отпеа и своја преработка на познатата песна „Македонско девојче“ а за првпат на концертот ја изведе песната „Тешко ми е тешко“ и за сите изведби кои беа со многу емоции доби силни аплаузи и овации во преполната сала.

На концертот освен од Велес, публика имаше и од Скопје, Битола, Куманово, Охрид, Кичево, Крушево, како и гости од Србија, Бугарија, Албанија, Хрватска, Шведска, Англија, Австралија и други земји.

Во изјавата за медиумите Калиопи информира дека многумина од публиката кои биле на вакви нејзини концерти по концетот во Велес ѝ потврдиле дека досега не доживеале вакви емоции како на овој концерт.

– Овој концерт ме разбуди од мојата заспаност дома, бидејќи дома секогаш за мене е место каде што ќе одморам после големите концерти и патешествија, надвор од Македонија. Едноставно кога ќе се вратев дома едноставно тоа ми беше лулка за одмор – истакна Калиопи.

Посочи дека прв кој успеал да ја разбуди од тој сон е токму Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот”, кој ѝ пратил покана да го направи овој концерт.

– Многу сум им благодарна и среќна сум што го направив концертот. Можеби ова е почеток на нешто ново што веќе се случува, но на еден поинаков начин, со еден поинаков жар, поинаков репертоар поинаков концерт со мојот бенд кој ме следи секаде каде настапувам. И знаете како возбудата е најголема кога се свири пред домашната публика – потенцира Калиопи.

Таа информира дека на концертот имало гости од многу земји, од Србија, Хрватска, Бугарија, Албанија…

– Фасцинантно е што што по концертот, ги видов кога ме чекаа и дојдоа да ме поздрават. При тоа ми кажаа дека биле на многу концерти надвор, но ваква атмосфера и емоции како овде вечерва немало – потенцира Калиопи.

Таа потсети дека изминатите две години, за жал, пандемијата на сите ни одзеде драгоцени две години во кои не можевме ништо да направиме, бидејќи бевме одвоени од музиката и од други нешта во животот, од слободата на движење, а и од начинот на кој сме ги правеле претходно.

Во разговор за МИА и констатацијата дека повторно има самостоен концерт во Велес по цели 17 години и на прашање каде тогаш беше Калиопи, а каде е сега, таа одговори дека смета дека секогаш е на истото место во Велес, бидејќи срцето ѝ е секогаш тука.

– Јас овој град многу го чувствувам, многу го сакам и многу сум поврзана со него. Токму заради тоа многу ми значи што првиот концерт по долго време во Македонија се случува токму во Велес во Народниот театар, каде вечерва имаше многу силни чувства и емоции. И навистина сум многу преблагодарна, што можев да го доживеам сето ова – рече Калиопи.

На прашање на што моментално работи, таа за МИА истакна дека работи на нови песни со Ромео Грил, а кои публиката наскоро ќе има можност и да ги слушне.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/11/2022 13:40