Излезе од печат научната студија „Типологија на писмото“ од д-р Игор Радев во издание на „Македоника литера“.
– Оваа книга е компаративно и научно изведена студија за видовите писма во светот, историјата и развојот на писмата, но и за писмата како фактор на влијание во развојот на културните системи низ историјата на човештвото. Врз основа на прецизни методолошки рамки авторот нуди нова типологизација на системите на пишување што се користат во светот, велат од „Македоника литера“.
Книгата се состои од три главни дела: во првиот е образложен концептуалниот апарат врз којшто се темели методологијата применета за да се изврши класификација и типологизација на разните писма, односно, системи на пишување на повеќе рамништа; во вториот дел нуди решение од теоретска природа на проблемот на односот помеѓу типот на писмото и својствата на јазикот кодиран од него; во третиот дел, со помош на анализа на конкретни примери од историскиот развој на писмото, ја оценува валидноста на понудената теорија.
Концептуалната рамка во која е развиена методологијата за типологизација на писмата се темели врз Аристотеловата теорија за четирите причини, па во првиот дел на книгата дава модел на примена на овие четири причини: материјалната, дејствената, обликувачката и целната, на различни аспекти од феноменот на писмото и писмениот дискурс, а исто така и врз разни аспекти на феноменот на јазикот.
Игор Радев роден 1977 година е филолог, лингвист, синолог и преведувач од старокинески и кинески јазик. Дипломирал класични јазици на Филолошкиот факултет во Скопје, а магистрирал лингвистика и докторирал кинеска филологија на Нормал универзитетот во Пекинг.
Добитник е на кинеската државна награда „Кинеска награда за особен придонес во литературата“ (највисокото признание во Кина на книжевно-културно поле што може да биде доделено на странски државјанин), на наградата „Григор Прличев“ доделена од Сојузот на литературните преведувачи на Македонија за преводот од древнокинески на македонски, и на наградата на Град Скопје „13 Ноември“.