Во Културно информативниот центар на Република Македонија во Истанбул, Турција, вечер во 19:00 часот ќе биде отворена изложбата „Мојот дневник“ на Беди Ибрахим.
Творештвото на Беди Ибрахим во изминативе децении сведочи за импресивно мултимедијално творештво, каде е присутна основната идеја и мотив за концептот на неговите преокупации и личниот уметнички ракопис. Тој твори во различни медиуми и изразни ликовни дисциплини (цртеж, колаж, скулптура, слики-објекти, видео, инсталација…) кои се само алатка на визуелизација на концептуалните идеи за себе рефлектирањето каде визулниот мотив во концептуалниот уметнички дискурс станува метајазик или визуелен текст преку кои ги разјаснува своите мисли за уметноста како неограничен и бескраен простор на изразување, носи со себе автентинчост која е сублимат на автохтон-творечки транскрипт.
Оваа изложба е составена од повеќе тематски целини (Птици, Гнездо, Порти…) присутни во творештвото на Беди Ибрахим чиј меѓусебен однос сочинува присоединување на микро наративите кои создаваат нова естетско концептуална целина – макро наратив со заеднички именител означен од авторот – „Мојот дневник“. Така се создава нова уметничка ситуација во која се рефлектираат одредени конкретни состојби на основите на личните и интимните приказни кои се колку лични, толку и воопштени и развиваат нови односи, перспективи и погледи на светот. Изразот и аргументите од реалноста ја отсликуваат чистотата на сеќавањето, еден вид симболично резиме на сопствениот живот т.е. соочување со себе си.
Базична цел во „Мојот дневник “ на Беди Ибрахим е да се изрази слободата на авторот во мисловниот превод на личното доживување на сопствената историја и нејзино естетско визуелно вообличување, како чин на себе спознанието.